Енергија од 330 MWh одговара приближно на получасовно производство на блоковите од РЕК Битола при работа со полн капацитет во оптимални услови (што би било доволно за покривање на просечните месечни потреби на неколку стотици семејства во Македонија), па можете сами да процените дали е тоа многу или малку, вели во разговор за „Локално“ професор Ристо Филкоски од Машинскиот факултет во Скопје околу продажбата на ноќни вишоци електрична енергија.
Според него, без разлика на продажбата на електрична енергија, тоа не ја менува генералната слика односно оценката дека енергетските објекти во државна сопственост се во многу лоша состојба.
-Воедно, тоа не ја намалува одговорноста на нашите фактори кои ги управуваат истите според слични базични принципи повеќе од 20 години, третирајќи ги објектите како партиски плен и крави молзници и притоа не направија нешто поконкретно за осовременување на енергетскиот сектор. Кога го велам тоа мислам и на одржување и модернизација на постојните електроцентрали и на изградба на нови и на се друго што оди во контекст на обезбедување на енергетска сигурност, стабилно снабдување колку што е можно понезависно од надворешни влијанија (шокови!) и намалување на енергетската сиромаштија, укажува Филкоски.
Тој нагласува дека за да ја пребродиме успешно оваа зима од енергетски аспект ќе ни треба исполнување на неколку услови, меѓу кои најважни се исклучително сериозен професионален ангажман од оператерите на енергетските објекти, поволни хидрометеоролошки услови и многу среќа.
-Со комбинација од овие влијателни фактори, особено првиот и третиот, веројатно се успеало во период од неколку дена да бидат во функција сите енергетски капацитети во државата. Меѓутоа, познато е каква е состојбата со термоцентралата Осломеј и со каква ефикасност може таа да функционира, кога воопшто ќе стартува. Исто така, на енергетичарите би требало да им биде јасно што значи за ефикасноста кога објект изведен со два парни котли и една турбина функционира само со еден котел (ТЕЦ Неготино). РЕК Битола функционира според принципот тргни-застани и тоа со намален капацитет. ЕСМ Енергетика (во „Железара“) во суштина потекнува од доцните 60-ти и раните 70-ти, па дури и со одредени ревитализациски зафати од пред 20-ина години, јасно е дека располага со ограничени технички можности. Состојбата со хидроенергетските објекти веројатно е нешто подобра, но акумулациите не смее да се празнат според принципот „кој како што сака“, а потоа да се обвинуваат климатските промени за пребрзо испарување (поточно, исклапување) на водата, објаснува професорот.
Во врска со непокачувањето на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите компании, тој истакнува:
-Досега не слушнав дека тоа се постигнало со парите на некој од министрите. Интервенциите се прават со буџетски средства, што значи, со пари од народот, за кои народот им дал дозвола на министерствата да управуваат со нив најдобро што знаат, чесно и колку што е можно порационално, порачува Филкоски.
Тој информира дека фотонапонска централа од 10 MW не заменува класична термоцентрала од 120 MW.
-За да биде заменета ТЕЦ Осломеј потребна е фотонапонска централа од неколку стотици мегавати и тоа само во услови на убав јасен сончев ден. Ноќе или кога денот е облачен повторно ќе биде потребно дополнително класично (термоенергетско или хидроенергетско) решение, анализира соговорникот.
Со оглед на ситуацијата, Филкоски смета дека нема простор за фалење во однос на енергетиката.
-Ддругите“ не треба да сфатат дека ова претставува отворен простор за критикување, затоа што одговорноста, т.е. вината за чинењето и нечинењето е заедничка и речиси подеднаква. Многу пари се потрошија во невиделина во изминатиов период поради сето тоа што не беше направено во овие 2-3 децении, а мораше да биде. Крајно време е тие што се нафатиле на функции и позиции да преземат одговорност и многу похрабро и навистина одговорно да пристапат кон сериозни активности во енергетскиот сектор, дециден е Филкоски.
ЕТМТ Енерџи е компанијата која ги купила вишоците на струја кои ги продава АД Електрани на Северна Македонија-ЕСМ од 12 до 17 јануари 2023 година. По цена од 109 евра за мегават час се продадени 1.440 мегаватчасови, додека пак по цена од 98 евра 540 мегаватчасови.
Тоа е истата фирмата која во 2022 година најмногу купувала вишоци на струја кои ги продава ЕСМ, а според документацијата достапна на интернет страницата на АД ЕСМ, продажба на вишок струја се вршела речиси во сите месеци на 2022 година освен јануари и април, но оваа година продажба има и во јануари.
АД ЕСМ на 16.01.2023 година произведe 18.398 MWh електрична енергија, со што целосно ги задоволи потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Во изминатото деноноќие АД ЕСМ продаде 330 MWh ноќни вишоци електрична енергија.
Н.П.