Филкоски: Во енергетиката нема брзи решенија, одговорните досега реагираа со краткорочни мерки за „ублажување“

од Nikola Popovski
353 прегледи

Во домашната енергетика веќе долго време не се работи според некаква стратегија, па дури ни според лоша. Да се сугерира или да се тврди дека во моментов е поисплатливо да се увезува електрична енергија наместо да се произведува во Македонија е само дневно замаглување на работите и ставање на проблемите под тепих, вели во разговор за „Локално“ професор Ристо Филкоски од Машинскиот факултет во Скопје околу справувањето со енергетската криза.

Тој посочува дека во некој момент можеби е поскапо да се произведува електрична енергија во ТЕЦ Неготино, заради цената по која се набавува мазут, но прашува што е со ситуацијата околу РЕК Битола.

-Каква би била цената на произведениот мегаватчас од блоковите во Битола доколку тие беа добро подготвени и доколку имаше ископ на јаглен? Освен тоа, мислам дека и понатаму „одговорните“ во државата не се во состојба да ја разберат исклучителната улога на комбинираната термоенергетска постројка во центарот на Скопје за енергетскиот сектор, смета Филкоски.

Професорот оценува дека сега го плаќаме данокот поради долгогодишното неинвестирање во енергетиката во земјата, како за одржување на енергетските објекти, така и за изградба на нови.

-Тоа значи дека не е никакво изненадување што во последниве години има постепено намалување на домашното производство на електрична енергија, што пак резултира со исклучително голема осетливост и зависност на енергетскиот сектор во земјата од турбуленциите во енергетиката во меѓународни рамки. Домашните објекти за производство на електрична енергија веќе се мошне стари, а повеќето од нив го имаат и надминато својот проектен животен век. Во такви околности, дури и да беа добро одржувани, доаѓа до влошување на перформансите на електроцентралите во целина и на нивните компоненти, се намалува ефикасноста, опаѓа доверливоста, а се почесто се јавуваат и дефекти, прекини во работата и испаѓања, објаснува Филкоски.

За обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за авансно плаќање на струјата, соговорникот вели добро е познато дека во енергетиката земјите со стратешко планирање се залагаат за долгорочни договори (за гас, за јаглен, за електрична енергија и др.).

-На таков начин се постигнува безбедност во снабдувањето и стабилност, што, во принцип, им одговара на двете страни. Нашите околности се такви што, при постојано намалување на домашното производство, енергетскиот сектор се карактеризира со исклучително голема осетливост и зависност од турбуленциите во енергетиката во меѓународни рамки, порачува професорот.

Додава дека секој со основни познавања од аритметика би требало да може да пресмета колку зголемениот данок од 1 јануари ќе ги „изгори“ граѓаните со новите сметки за електрична енергија.

-Тука само би додал дека илузорно е во актуелнава ситуација – стари термоенергетски објекти за производство на електрична енергија, скапи горива, нарушени услови на пазарот, несигурност во снабдувањето со природен гас итн., некој да очекува намалување на сметките. Одговорните досега реагираа со краткорочни мерки за „ублажување“, главно од популистичка природа, кои повторно преку буџетските средства му доаѓаат за наплата на народот, анализира Филкоски.

Околу тоа кое е најлошото сценарио за зимата по негово мислење и дали ќе има рестрикции на струја, професорот посочува дека искуството на народот вели дека од лошо може да има и полошо.

-Доволно лошо сценарио би било целосен прекин на дотек на природен гас од Русија; цена на електричната енергија од неколку стотици евра за мегават-час (€/MWh); неможност да се набави електрична енергија на пазарот дури и по исклучително високи цени затоа што многу земји едноставно ќе го забранат извозот; рестрикции во снабдувањето; затворање на многу компании низ европските земји и кај нас поради неможност да ги поднесат трошоците; зголемена невработеност; постепена појава на недостиг на разни стоки за широка употреба и суровини, метали, ѓубрива и др., што ќе доведе до верижна реакција на поскапувања и многу други согледливи и несогледливи последици, прокоментира Филкоски.

Тој се надева на разум по прашањето на снабдување со природен гас и не гледа проблем во плаќањето во рубљи. Филкоски очекува и нашите оперативци во енергетските објекти и во исклучително тешки услови да успеат да произведат соодветни количества електрична енергија, дека метеоролошките услови ќе погодуваат на работата на хидроенергетските објекти, а и на помала потреба од топлина за греење итн.

-Откако ќе ја пребродиме зимава, конечно ќе треба сериозно и многу похрабро да се пристапи кон дефинирање насоки за развојот на енергетскиот сектор и кон реализација на проекти во интерес на граѓаните, а не во интерес само на повластени поединци. Милион пати ќе повторам, во енергетиката нема брзи решенија, дециден е професорот.

Во однос на состојбата со снабдувањето со гас на топланите и релацијата ЕСМ – Топлана север, Филкоски го гледа решението во предлогот од официјална Москва.

-Генерално, за снабдувањето со природен гас имаше сосема јасен и коректен предлог од руска страна до европските земји, вклучувајќи ја и Македонија, ни посочи професорот.

Н.П.

Слични содржини