Филков најави комплетно женски затвор во Струга

од Илинка Илиоска
73 прегледи

Министерот за правда, Игор Филков, го посети КПД Струга, каде што директорот Ардит Мустафаи го информираше за условите, капацитетите, човечките ресурси и можностите за ресоцијализација на осудените лица.

„Остваривме работна средба и разгледавме каква е состојбата во затворот. Повторно ја покренавме идејата за комплетно женски затвор, со што би се преадаптирале делови од затворот и женското одделение од Идризово би било префрлено тука. Ова е идеја што ја дискутираме некое време и се надеваме дека ќе добиеме поддршка за нејзина реализација. Женскиот затвор ќе биде целосно одделен, а постојните затвореници ќе бидат префрлени во други установи. Се договоривме да изготвиме проект за да утврдиме колку финансиски средства ќе бидат потребни,” изјави Филков, додавајќи дека затворските установи низ државата не се во најдобра состојба поради долгогодишно запоставување.

КПД Струга има капацитет за 60 лица, а моментално 21 затвореник ја издржува својата казна. Како затвор од отворен тип, на осудените лица им се овозможува да бидат работно ангажирани.

„Целта е да се подготви проект за да се утврдат финансиските импликации, и затворот целосно да се пренамени за женски затвор, со цел подобра безбедност на женските затворенички и нивно одвојување од проблемите со кои се соочуваат во Идризово. Постоечките затвореници од Струга ќе бидат прераспределени во други установи“, додаде Филков.

Слични содржини