Министерот за правда Игор Филков во изјава за ТВ Канал 5 за случајот со Блерим Рамадани рече дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити е неразбирлива и не е во согласност со досегашната пракса. Тој го повикa Судскиот совет да одржи вонредна седница на која би се разгледало ова прашање .
,,Последниот случај со поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, е еден од низата, во кој јасно се отсликува актуелната состојба во судството. Одлуката на судијата Пајазит Пајазити е неразбирлива и не е во согласност со досегашната пракса. Затоа и довербата на граѓаните во судството, правосудството и обвинителството е на рекордно ниско ниво.
Оваа судска одлука е уште еден доказ дека се потребни неодложни реформски процеси во судството и правосудството и градење на еден систем во кој ќе има еднаква правда за сите. Во тој систем мора да доминираат вистински професионалци, а не партиски послушници. Изненаден сум што на денешната седница на Судскиот совет не се отвори и прашањето за случајот со Блерим Рамадани. Очекував да бидат разгледани сите докази, аргументи и факти за одлуката на судијата Пајазит Пајазити.
И секако, доколку бидат утврдени какви било неправилности и недоследности во постапката и процедурата или пак бидат утврдени влијанија при носење на судската одлука, истиот да биде санкциониран и разрешен од функцијата. Го повикувам Судскиот совет да одржи вонредна седница на која би се разгледало и ова прашање со цел во иднина да не ни се повторат исти или слични ситуации”, вели Филков.