Филков за правосудниот испит на албански: Кој сака политика, нека ја води на избори, но кој носи функција во правна држава, мора да ги почитува Уставот и законите

„Го разбирам вицепремиерот Беким Сали како стоматолог и како политичар кој допрва ја запознава материјата на европските интеграции и правосудните реформи. Но, потенцирам: државата не функционира по принцип на лична проценка, професионален рефлекс или политички впечаток“, порача министерот за правда

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Министерот за правда Игор Филков упати остра реакција до вицепремиерот Беким Сали, по неговата изјава за барањето на студентите за полагање на правосуден испит на албански јазик. Филков децидно порача дека времето на политички толкувања на законите е завршено и дека државата не функционира според „професионалниот рефлекс на еден стоматолог“, туку според Уставот.

„Времето кога Уставот и законите се толкуваа според дневнополитички потреби, а не според нивната содржина, заврши со заминувањето на СДСМ–ДУИ од власт. Оваа Влада нема намера да ја продолжи праксата на правен релативизам, институционален хаос и селективна примена на нормите. Напротив, обврзани сме да воспоставиме јасни правила, правна сигурност и целосно почитување на уставниот поредок.

Го разбирам вицепремиерот Беким Сали како стоматолог и како политичар кој допрва ја запознава материјата на европските интеграции и правосудните реформи. Но, потенцирам: државата не функционира по принцип на лична проценка, професионален рефлекс или политички впечаток. Одлуките не се носат по чувство, туку по Устав и закон. Во правниот систем не постои категорија „има или нема волја“. Постојат уставни норми, законски решенија и институционални процедури. Сѐ друго е опасна поедноставеност што ја поткопува правната држава и ја враќа праксата на произволност, од која, за жал, Македонија скапо плати во минатото“, истакна, меѓу другото, министерот за правда.

Филков додаде дека Министерството за правда ја разгледа петицијата поднесена од студентите во врска со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, при што внимателно беа анализирани сите релевантни уставни и законски одредби.

„Законот за употреба на јазиците овозможува употреба на албанскиот јазик како службен јазик во постапките пред институциите, но неговата примена не може да се разгледува изолирано од другите системски закони што го уредуваат функционирањето на правосудството. Правосудниот испит претставува клучен предуслов за влез во судството, јавното обвинителство, адвокатурата, нотаријатот и извршувањето, при што сите овие закони експлицитно предвидуваат услов за активно познавање на македонскиот јазик.

Полагањето на правосудниот испит на македонски јазик е во директна функција на проверка на таа јазична и стручна подготвеност, имајќи предвид дека сите постапки, одлуки и службени акти во правосудниот систем примарно се водат и донесуваат на македонски јазик и кирилско писмо, согласно Уставот и законите.

Уставот не е тема за телевизиски емисии, ниту алатка за политички наративи, а правосудството не смее да биде заложник на ничија агенда. Оваа Влада има цел да воспостави ред по години институционален распад, да спроведе реформи, а не да произведува конфликти. Кој сака политика, нека ја води на избори, но кој носи функција во правна држава, мора да ги почитува Уставот и законите. Сѐ друго е притисок. И тоа нема да помине“, стои во објавата на Филков.

Заменик-премиерот изјави дека барањето на студентите е легитимно и дека институциите треба да обезбедат рамноправен пристап до полагањето на испитот, истакнувајќи дека можат да следуваат и јавни акции и протести доколку не се овозможи полагање на албански. Сали ја повика Владата и Министерството за правда да најдат решение што ќе ги почитува правата на студентите во согласност со Законот за употреба на јазиците.

Пратеничката група на Европскиот фронт достави до Собранието предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за правосуден испит. Пратеничката од ДУИ, Рина Ајдари, оцени дека одбивањето испитот да се полага и на албански јазик не само што ја нарушува јазичната и правната еднаквост, туку директно ги подрива темелите на уставниот поредок и меѓуетничкиот соживот. Според нив, министерот за правда се става над Уставот, над законот, над Владата и над сите други институции во државата, со што сериозно ги нарушува принципите на правната држава.