Финансиски пакет од милијарда евра за регионот, дел ќе добие и С. Македонија, најави Вархеји

од Nikola Popovski
149 прегледи

На маргините на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес во Берлин, денес, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со комесарот за проширување и соседствo Оливер Вархеји.

На средбата министерот Османи го поздрави неодамна објавениот Извештај на ЕК за Северна Македонија, со кој се признава генерално добриот реформски напредок на земјата, особено во областите опфатени со фундаменталниот кластер и во поглавјето за Надворешна безбедносна и одбранбена политика, каде што сме оценети со највисока оценка „многу добар напредок“, пред се, со оглед на 100-процентното придружување кон позициите на ЕУ во рамките на нејзината надворешна политика.

Министерот го информира еврокомесарот за одвивањето на скрининг процесот, како прва и особено значајна фаза во процесот на преговорите со ЕУ, како и за посветеноста на Северна Македонија за навремено заокружување на истиот во ноември идната година, при тоа фокусирајќи се на внатрешните обврски кои ни претстојат до отворањето на фундаменталниот кластер.

Османи изрази благодарност за работата на Европската комисија во однос на планот за справување со енергетската криза за сите земји од Западен Балкан, со кој се очекува да се предложат финансиски фондови за адресирање на итните, краткорочни и среднорочни потреби на нашиот регион. Во овој контекст, од страна на Вархеји беше најавен финансиски пакет за регионот, во износ од 1 милијарда евра, за ублажување на ефектите од енергетската криза.

Слични содржини