Финансиските лидери на Г7 ветија дека ќе ја запрат инфлацијата и ќе ги зајакнат синџирите на снабдување

од Radmila Tasevska
276 прегледи

Финансиските лидери на Групата седум најбогати либерални демократии (Г7) на крајот од тридневниот состанок во Јапонија изразија поддршка за Украина и решеност да се обезбеди спроведување на санкциите против Русија поради нејзината агресија.

Министрите за финансии на Г7 и шефовите на централните банки ги завршија разговорите во Нигата, Јапонија, со заедничка изјава во која наведоа дека ќе ја стават инфлацијата под контрола, ќе им помогнат на земјите кои се борат со високи долгови и ќе ги зајакнат финансиските системи.

Тие, исто така, ветија дека ќе работат заедно за изградба на постабилни, проширени синџири на снабдување и развој на чисти извори на енергија за зајакнување на глобалната економска отпорност на природни катастрофи.

Во соопштението конкретно не се споменува Кина или „економска принуда“ со цел да се постигнат политички цели, како казнување на земјите кои преземаат мерки поврзани со друга земја.

Официјалните лица кои учествуваа во разговорите се чини дека отстапија од отворените осуди на Кина, со оглед на високиот влог што повеќето земји го ставаат во добрите односи со Кина, втората по големина економија во светот, пренесе Бета.

Разговорите на финансиските лидери се подготовка за самитот на Г7 следната недела во Хирошима, на кој се очекува да присуствува и американскиот претседател Џо Бајден и покрај должничката криза во САД што може да ја доведе земјата до тоа да не може да го врати доспеаниот долг доколку тоа не се реши следните недели.

Иако американската министерка за финансии Џенет Јелен предупреди дека неуспехот да се подигне плафонот на долгот за да ѝ се дозволи на нејзината влада да продолжи да ги плаќа сметките ќе доведе до економска катастрофа, ќе уништи стотици илјади работни места и потенцијално ќе ги наруши глобалните финансиски системи, оваа тема не беше спомената во завршното соопштение од собирот на финансиски лидери.

Членките на Г7 ветија дека ќе работат заедно за „глобално да ја зајакнат економската отпорност на различни шокови, ќе стојат цврсто за да ги заштитат заедничките вредности и да ја зачуваат економската ефикасност преку поддршка на слободен и фер мултилатерален систем заснован на правила“.

Слични содржини