Финска денеска соопшти дека границата со Русија ќе остане затворена до понатамошно известување.
Финска ги затвори своите копнени граници со Русија на крајот на 2023 година, по зголемениот број пристигнувања на мигранти од земји како Сирија и Сомалија, објави Ројтерс.
Според финските власти, Москва ја користи миграцијата како оружје против оваа нордиска земја како одмазда за нејзиниот пристап во НАТО, тврдење кое Кремљ го негираше.
„Останува висок ризик дека инструментализираната миграција ќе продолжи и ќе се прошири, како што беше случај претходно“, се вели во соопштението на финската влада.
Финска, исто така, усвои закон за вонредна состојба со кој и дозволува да ги отфрли барањата за азил од мигрантите кои ја преминуваат нејзината затворена источна граница со Русија и да ги враќа назад.
Владата додаде дека редовно ќе ја проценува ситуацијата и ќе ја укине мерката или ќе ја измени доколку отворањето на границата повеќе не претставува „сериозна закана за националната безбедност или јавниот ред“.