Економските мерки кои Владата треба да ги донесе мора да бидат таргетирани за оние домаќинства и претпријатија на кои најмногу им треба, кои се ранливи , а не оние кои книжат профити и заработуваат солидно – порача акдемик Таки Фити.
“Постои консензус кај експертите дека помошта треба да дојде до оние домаќинства, односно граѓани и до оние претпријатија кои што се најзасегнати, а не помош линеарно за сите бидејќи на тој начин нерационално се трошат ресурсите. Има семејства кои се засегнати со енергетска сиромаштија, можеби таа листа треба да се прошири. Исто така сум за таа мерка бидејќи цената на храната, особено на основните прехрамбени производи прилично нарасна, таму да има ваучери, исто така за најранливите групи,“ изјави академик Фити.
Поранешниот министер за Финансии Никола Поповски е на став дека светот е соочен со избор: или да ја зачува макроекономската стабилност, значи ниски цени и валутните односни, ниска инфлација или да жртвува дел од растот.
“Владите обично бираат што да направат, моето мислење е дека во моментов треба да се води повеќе сметка за ценовната стабилност. Растот и да се изгуби 1,2,3 квартали, тој ќе се врати. Ако се наруши ценовната стабилност на долг рок, сите квартали во идните години ќе бидат со економски проблеми. Мислам дека ова е приоритетно, но тоа го одлучува Владата, не ние.“ истакна Поповски.