Фондот за иновации и технолошки развој како прва државна институција назначена од страна на Владата на Република Северна Македонија која ќе го отпочне процесот на акредитација кон Зелениот климатски фонд (ЗКФ), официјално поднесе апликација за акредитација кон ЗКФ.
Со успешно завршување на процесот на акредитирање, ФИТР ќе стане прва акредитирана национална институција во Македонија, која ќе овозможи поголем пристап до финансии од ЗКФ наменети за реализирање на климатските програмски приоритети на Република Северна Македонија и поттикнување на иновативни, зелени инвестиции, со целосна сопственост во процесот на климатско финансирање и негово подобро интегрирање со националните акциски планови за клима.
„Навистина сум горд на тимот на ФИТР, кој со поддршка од Организација за храна и земјоделство (ФАО), изминатиот период напорно работеше на подготовка на Анализа на јаз согласно критериумите за акредитација на ЗКФ како и подготовка на План на активности за надминување на идентификуваните јазови, како дел од процесот на поднесување на апликацијата за акредитација од ЗКФ. Со овој чекор, активно се вклучуваме во борбата со климатските промени и јасно ставаме до знаење дека зелените инвестиции се фокусот на работа на Фондот за иновации и технолошки развој во наредниот период. Сите ние мора да превземеме конкретен чекор за да овозможиме подобра иднина ние и новите генерации“, истакна Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Согласно Одлуката на Владата на Република Северна Македонија, Фондот за иновации и технолошки развој беше назначен да биде првиот национален субјект кој ќе отпочне постапка за акредитација од Зелениот Климатски Фонд. Како централна институција за поддршка на микро, мали и средни претпријатија со развиен механизам за креирање инструменти за поддршка, ФИТР е стратешки соодветен субјект за да стане ентитет со директен пристап до ЗКФ од Република Северна Македонија, на кој начин ќе добие побрз и лесен пристап за користење на средствата од Зелениот климатски фонд за да придонесе кон имплементација на климатските програмски приоритети на Република Северна Македонија.
Како почеток на заложбите на ФИТР во насока на поттикнување на зелените инвестиции во приватниот сектор, минатата година Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Кабинетот на Заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економски сектори и инвестиции и ФАО, објави повик за „Справување со климатски промени 2022″. Пет домашни компании се добитници на финансиска поддршка во вкупен износ од 7.5 милиони денари, кој веќе започнаа со реализација на своите иновативните решенија со кои ќе овозможат развој на иновативни, климатски/чисти технологии, производи и/или процеси насочени кон ублажување или намалување на последиците од климатските промени.