ФИТР и Стартап Македонија склучија Меморандум за соработка

328 прегледи

Асоцијацијата на стартап заедницата на РСП заедно со Фондот за иновации и технолошки развој, потпишаа Меморандум, со кој се обврзаа на соработка, односно спроведување и јакнење на меѓусебната соработка.

Овој договор подразбира поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес, поконкретно на иновациската дејност и стартап заедницата, соопшти ФИТР.

„Развојот на македонскиот стартап екосистем ќе биде стратешки приоритет на ФИТР во наредниот период. Сметам дека земјата има огромен потенцијал и со заеднички и инклузивен процес, ќе ја позиционираме Република Северна Македонија како стартап хаб во регионот“, истакна Коста Петров директор на ФИТР.

Оваа соработка помеѓу ФИТР и Стартап Македонија, меѓу другото вклучува и дигитализација на стартап екосистемот и транспарентно достапни податоци, подобрување на законската регулатива за стартап компаниите и нивниот пристап до странски пазари.

Претседателот на Асоцијацијата Дејан Алексовски пак, потенцира дека државата и стартап заедницата мора да соработуваат заедно, за да се случат реално потребните промени за подобар екосистем.

„Со ФИТР ја продолжуваме, и со овој Меморандум интензивираме соработката во интерес на стартапите. Успешен стартап екосистем не се гради преку ноќ но ме радува дека постои волја, сериозно да се пристапи кон решавање на многуте предизвици за да се креираат, развиваат, и растат успешни стартап приказни од Македонија“, посочи Игор Маџов, инаку програмски директор на Стартап Македонија.

Слични содржини