Физички нападнат советник од општина Карпош

од Nikola Popovski
166 прегледи

Утрово е нападнат советникот во Општина Карпош Александар Илиески од непознато маскирано лице. Нападот се случил во 7.40 часот пред трговскиот центар Антико во Карпош 4, додека Илиевски одел на работа. Непознатиот напаѓач ненадејно го нападнал при што му задал неколку удари во лицето од кои му нанел видливи повреди. За среќа, инцидентот бил забележан од граѓани кои притрчале на помош, по што напаѓачот избегал, соопштија од општина Карпош.

Илиески, кој е дел од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош во изминатиот период јавно изразувал несогласување со политиките и одлуките на партијата, велат од општината.

-Поради неговите ставови, советникот во повеќе наврати се жалеше дека добивал сериозни закани по живот преку СМС пораки од непознати броеви, како и од страна на висок општински функционер во ВМРО-ДПМНЕ во разговор со неговиот татко. Од Илиески се барало да се откаже од советничката функција во Општина Карпош, а за возврат партијата би му ги исплатила паушалите до крајот на советничкиот мандат. Доколку не го стори тоа му било порачано дека може да му се случат „лоши работи“. Сите овие закани веќе се пријавени во МВР. Александар Илиески, веднаш по инцидентот беше во полициска станица Карпош каде што даваше изјава за физичкиот напад, се додава во соопштението.

Слични содржини