Љубљана – Горење оствари многу добри деловни резултати во првиот квартал оваа година. Остварени се 6,8 милиони приход (EBIT) што е дури 52 отсто повеќе од истиот лански период. Чистиот профит изнесувал околу 600.000 евра додека лани во овој период имале загуба од 2,1 милион евра. Во првиот квартал Групата Горење имала 28,5 милиони евра приход од продажбата, што е 6,5 отсто повеќе од истиот лански период.
Франкфурт – Германскиот Фолксваген и моќниот синдикат IG Metal се договорија за зголемување на платите од 4,8 отсто за околу 120.000 работници во фабриките на таа компанија во западна Германија. Според постигнатиот договор, платите на вработените од 1 септември оваа година ќе пораснат за 2,8 отсто и за дополнителни 2,0 отсто од 1 август 2017 година. Вработените исто така ќе добијат придонес за пензиско осигурување од 200 евра.
Берлин – Германскиот министер за сообраќај Александер Добринт го критикуваше Фијат-Крајслер поради „несоработка‟ бидејќи не дошле на состанок за издувните гасови на дизел возилата. Добринт рече дека однесувањето на Фијат „целосно е неприфатливо‟ додека, како што рече, постојат „конкретни обвиненија‟ против тој италијанско-американски производител за автомобили.
Вашингтон – БДП на Русија оваа година ќе падне за околу 1,5 отсто, а во 2017 година ќе оствари скромен раст, предвидува ММФ. Во извештајот на ММФ се наведува дека руската економија „повторно ќе расте во 2017 година и дека ќе оствари стапка од 1,0 отсто‟. Се работи за проекција која е по оптимистичка од претходната со која беше предвиден пад на БДП на Русија од 1,8 отсто во оваа и раст од само 0,8 отсто за идната година.
Каиро – Русија на Египет ќе даде кредит од 25 милијарди долари за да финансира изградба на нуклеарна електрана, објавија функционери во Египет. Египет и Русија во ноември минатата година потпишале договор кој предвидува Русија да гради прва нуклеарка во Египет и да и одобри кредит кој би бил доволен да ги покрие трошоците за изградбата. Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси изјави дека кредитот ќе биде одобрен на 35 години, со каматната стапка од 3 отсто годишно, а отплатата на првата рата ќе почне во октомври 2019 година.
Њујорк – Мајкрософт ја продаде Нокиа и изгуби голема сума на пари. Новиот сопственик има големи планови за легендарниот бренд Нокиа. Мајкрософт својот бизнис со ефтините телефони кој го презема од Нокиа во 2013 година, го продаде на компаниите FIH Mobile, Foxconn и HMD global за 350 милиони долари, соопштено е од компанијата. Според условите од договорот, 4.500 работници ќе се преселат во FIH Mobile, а Мајкрософт ги продава сите права на користење на брендот Нокиа, софтверот, сервисите и договорите со доставувачите.
Њујорк – Компанијата на најмладата милијардерка во светот Теранос, практично призна дека се проценети на 9 милијарди долари поради технологија која ја немаат. Американскиот медицински стартап Теранос, кој требаше да внесе револуција во индустријата на крвните анализи, објави дека ги поништува сите наоди направени на нивниот уред Едисон во 2014 и 2015 година.
МИА