Брисел – Според деталната анализа на Европската комисија, работната сила во следните години ќе се намалува и на Европа наскоро ќе и требаат 30 милиони дополнителни работници. Секој петти хрватски работодавец, наспроти исклучително високата стапка на невработеност, на пазар на работната сила не може да најде работници со соодветни квалификации, со што, заедно со кипарските, се најдоа на дното на листата меѓу државите на ЕУ. Во балтичките држави и во Австрија истиот проблем го наведуваат над 60 отсто од работодавците, а на ниво на ЕУ работници со потребна квалификација не можат да најдат дури 40 отсто работодавци.
Белград – Наспроти падот на цените на нафтата и дериватите на меѓународниот пазар, цените на горивата во Србија се уште се над просекот во регионот, па се почести се вестите за шверц, посебно во пограничните места со Македонија и БиХ, каде горивото е најевтино. Поради ниските цени на нафтата паѓаат и цените на дериватите во Србија, но не толку како кај соседите, а најевтини се во Македонија и Босна и Херцеговина, па српското Здружение на нафтените компании предупредува на намалување на продажбата и шверц на горивата во места кои се и до 100 километри подалеку од границата.
Лондон – Деловната активност на приватниот сектор во еврозоната нагло успори во февруари, покажа флеш проценката на компанијата „Маркит“, предупредувајќи на потенцијално идно слабеење на економските перспективи. Според извештајот на „Маркит“, композитниот индекс на менаџерите за набавка (ПМИ) паднал во февруари на 52,7 поени од јануарските 53,6 поени, достигнувајќи најниско ниво во последните 13 месеци.
Виена – „Зотер“ е единствена фабрика во цела Европа која користи еколошки производи од зрното, па до финалниот производ – чоколадата. Во градот Ригерсбург во Австрија се наоѓа рајот за љубителите на чоколадото. Имнео, фабриката за чоколади „Зотер“ е отворена за посетители во текот на целата година, а со купување на влезница се стекнувате со право да јадете чоколади колку што сакате, пишува „Агробиз“.
Лондон – Најголемата европска банка ХСБЦ објави деловни резултати послаби од очекувањата и најави тешка година поради успорувањето на стопанскиот раст во Кина. Добивката пред оданочувањето на најголемата европска банка лани пораснала за само еден отсто на 18,9 милијарди долари, при што приходите пораснале исто така за еден отсто, на 57,7 милијарди долари.
Пекинг – Кинеските компании купуваат странски фирми, вклучувајќи и американски и тоа во рекорден број. „Џенерал Електрик“ неодамна го продаде својот бизнис со апарати за домаќинство на кинеската „Хајера“ за 5,4 милијарди долари, „Зоомлион“ ја купи американската фирма која се бави со производство на опрема за кревање товари „Терек Корпорејшен“, конгломератот „Далиан Ванда“ го купи холивудското филмско студио „Леџендари“ за 3,5 милијарди, а „ХемЧајна“ ја купи швајцарската фирма „Сингента“ и за тоа плати речиси неверојатни 48 милијарди долари.
Њујорк – Ако се верува во она што го работи еден од најпознатите светски инвеститори Ворен Бафет, тогаш за нафтениот сектор се уште има надеж. Имено, фирмата на Бафет, „Беркшир Хатавеј“ ги зголеми инвестициите во нафтените компании „Киндер Морган“ и „Филипс 66“. Што се однесува до „Киндер Морган“, Бафет купи 26.530.000 нејзини акции за сума од речиси 396 милиони долари. Инаку, акциите на „Киндер Морган“ во последните десет месеци паднаа за речиси две третини, бидејќи намалените цени на нафтата ја намалија профитабилноста
МИА