„Ние овде дојдовме да ви дадеме поддршка, но во суштина поважно е што вие нам на народот ни давате поддршка и голема визија за една подобра иднина. Останете цврсти, останете будни, бунтовни оти се друго освен вас е гнило и јалово“, рече пред студентите фронтменот на групата, Бранислав Николов.

Од Пленумот велат дека идејата е да ја искористат нивната актуелност со цел да ја подигнат свеста кај граѓаните и да бидат хумани.

„Културно образовната секција на пленумот дозна дека е потребна помош за девојчето и едноставно сфативме дека можеме да помогнеме со оглед на целава ситуација во којашто сме актуелни во општествово во моментот, посебно по оваа голема победа од завчера. Сфативме дека можеме да ја искористиме ситуацијата да се собере народ, а со тоа да се соберат пари и да ги донираме“, изјави Нина Тунтева од Студентски пленум.

IMG_7982

Студентите кои по две недели окупација  се вратија на формалните предавања , сепак продолжија со алтернативната настава и најавија дека автономната зона ќе продолжи да постои.

„Наставата тече нормално на Филозофскиот факултет. Од Филолошкиот факултет известија дека сосема неповрзано со нас, наставата ќе продолжи во понеделник поради некакви други причини. Во однос на останатите факултети каде што имаше бојкот на настава или окупација со спиење, таму се одвива непречено“, додаде Тунтева.

Окупацијата на факултетите прекина откако завчера, на втората официјална средба со претставници од Ректоратот и Министерството за образование и наука, беше договорено да се формираат работни групи кои ќе изготвуваат нов Закон за високо образование со целосна вклученост на професорите и студентите. Покрај концертите во автономната зона студентите најавуваат дека ќе продолжат трибините, дискусиите и алтернативните предавањата.