Фон дер Лајен го поддржува германско-францускиот предлог за спорот меѓу Белград и Приштина

од Nikola Popovski
202 прегледи

Европската комисија целосно го поддржува германско-францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина, изјави во Берлин претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Дијалогот е неопходен и ги повикуваме двете страни да постигнат напредок“, рече Фон дер Лајен на крајот од самитот во Берлинскиот процес на заедничката конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц и албанскиот премиер Еди Рама.

Фон дер Лајен нагласи дека е неопходно да се забрза процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во Европската унија, но дека овој процес мора целосно да се заснова на заслуги и дека нема „ригидна временска рамка“.

„Колку побрзо се спроведат реформите, толку побрз ќе биде процесот на пристапување, а обратно, без спроведување реформи, процесот ќе се забави“, рече претседателката на ЕК.

Новата методологија на пристапните преговори, додаде таа, има за цел да го забрза процесот доколку постои подготвеност да се работи напорно за основните прашања на владеењето на правото и принципиелните вредности на ЕУ.

„Во овој момент го чувствуваме ветерот на промени и поради геополитичката ситуација важно е да се турка пристапниот процес на Западен Балкан. Сакаме нашите пријатели да бидат во ЕУ“, рече Фон дер Лајен.

Покрај процесот на проширување на ЕУ, Фон дер Лајен ја истакна важноста на берлинскиот процес, чија цел, како што рече, е продлабочување на економската интеграција.

Слични содржини