Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека Молдавија ќе добие 250 милиони евра од Европската унија за да помогне во надминување на енергетската криза предизвикана од рускиот напад на Украина, пренесува „N1“.
Урсула фон дер Лајен изјави во Кишињев дека Молдавија ќе добие 100 милиони евра грантови и исто толку заем за да обезбеди снабдување со гас, како и 50 милиони евра за помош на најзагрозените граѓани.
-Европската солидарност со Молдавија е непоколеблива. Гарантираме дека ќе направиме се што можеме за да ви помогнеме за време на кризата, изјави Урсула фон дер Лајен по разговорот со претседателката на Молдавија, Маја Санду.
Молдавија е целосно зависна од снабдувањето со руски гас, кој Москва го намали на половина во изминатите неколку недели.
Маја Санду оцени дека тоа е „политичка уцена“, пренесе АП.
-Се соочуваме со најтешката енергетска криза во изминатите три децении. Во таа криза изворите на енергија се користат како оружје против демократијата, рече Санду, со порака: „Само заедно, со солидарност, ќе можеме да ја преживееме зимата и да ја зачуваме слободата и мирната и демократска иднина“.
-Молдавија е дел од европското семејство и семејството мора да се држи заедно во тешките времиња, рече Урсула фон дер Лајен.