Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен вечерва ги повика белоруските власти да престанат да ги загрозуваат животите на луѓето на надворешните граници на ЕУ.
Фон дер Лајен ги повика земјите-членки да ги прошират санкциите против режимот во Белорусија, кој, според неа, е одговорен за таквиот хибриден напад врз ЕУ.
– Инструментализацијата на мигрантите за политички цели од Белорусија е неприфатлива. Белоруските власти мора да разберат дека притисокот врз Европската унија преку цинична инструментализација на мигрантите нема да им помогне да успеат во своите цели, се вели во писмената изјава на Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК додаде дека во контактите со полскиот премиер Матеуш Моравјецки, литванскиот премиер Ингрид Шимоните и латвискиот премиер Артурс Кришјанис Каринс, таа ја изразила солидарноста на ЕУ и разговарала за мерките што ЕУ може да ги преземе за да ги поддржи во нивните напори за справување со кризата.
Таа најави дека заменик-претседателот на Комисијата Маргаритис Шинас ќе патува во земјите на потекло и транзит на мигрантите, кои белорускиот режим ги „турка“ до границите со ЕУ, со цел да се погрижи да дејствуваат и да спречат нивното државјанство да падне во стапица на белоруските власти.
– ЕУ конкретно ќе истражува како да ги санкционира авиокомпаниите од трети земји кои се активни во трговијата со луѓе. Комисијата ќе работи заедно со ОН и нивните специјализирани агенции за да се спречи развојот на хуманитарна криза и да се осигура дека мигрантите можат безбедно да се вратат во нивната земја на потекло, заклучи Фон дер Лајен.
Полските власти денеска соопштија дека до 4.000 луѓе се наоѓаат на границата меѓу Белорусија и Полска, а во Белорусија има повеќе од 10.000 мигранти кои се подготвуваат да ја преминат источната граница на ЕУ.