Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави во четвртокот дека Европската унија треба целосно да престане да ги користи руските енергенси во следните пет години.
„Ние сме премногу зависни од руските фосилни горива, особено од гасот“, напиша Фон дер Лајен на Твитер за време на состанокот на лидерите на ЕУ во Версај, во близина на Париз.
Претседателката на Европската комисија рече дека во средината на мај ќе предложи план според кој нафтата, гасот и јагленот од Русија ќе бидат ставени надвор од употреба во ЕУ до 2027 година.
Со ова Фон дер Лајен отиде чекор подалеку од планот на ЕУ претставен во вторникот, според кој фосилните горива од Русија ќе бидат исфрлени од употреба до 2030 година.
Таа го објави планот во време кога лидерите на ЕУ се собраа во Версај за да разговараат за рускиот напад врз Украина и санкциите против Русија.