Фон дер Лајен: Во ЕУ месечно ќе има по 100 милиони дози вакцини

од Nikola Popovski
251 прегледи

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека очекува во вториот квартал, месечно да пристигнат 100 милиони дози од вакцините против Ковид-19 во ЕУ.

ЕУ очекува вкупно 300 милиони дози до крајот на јуни, рекла таа за регионалниот дневен весник „Штутгартер Нахрихтен“.

Таа очекува дека во март ќе бидат доставени уште 50 милиони дози, додека ЕУ, со скоро 748 милиони жители, од крајот на декември примила само 51,5 милиони дози вакцини.

Засега се одобрени вакцините на тројца производители, Фајзер/ Бионтек, АстраЗенека / Оксфорд и Модерна, а Европската агенција за лекови треба да донесе одлука во четврток за одобрување на вакцината Џонсон и Џонсон, која се дава само во една доза.

Руската вакцина Спутник V помина клучна фаза на одобрување од ЕУ минатата недела кога Европската агенција за лекови започна да ја разгледува.

Европската комисија планира да вакцинира 70% од Европејците до крајот на летото, но критиките за бавноста на кампањата за имунизација растат.

Според пресметките на агенцијата Франс прес, околу 28,6 милиони луѓе или 6,4 проценти од населението добиле најмалку 41,4 милиони дози, а втората доза ја зеле 12,8 милиони луѓе или 2,9 проценти од популацијата.

Германија минатата недела вакцинираше просечно 203 000 луѓе на ден. Во Германија, вкупно 6,2 проценти од населението примило барем една доза на вакцина, што значи дека биле дадени 7,6 милиони дози од 10,4 милиони кои биле доставени.

Во Франција беа дадени 5,7 милиони дози до 6 март, а вакцинирани се 3,8 милиони луѓе или 5,6 проценти од населението.

Израел е најнапреден во светот според вакцинацијата, со повеќе од 57% од населението, а скоро 44% ги примиле двете дози.

Слични содржини