Фон дер Лејен: ЕУ се соочува со историска одлука за членството на Украина

од Vladimir Zorba
260 прегледи

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен денеска изјави дека на самитот на 23 и 24 јуни, земјите од Европската унија ќе треба да донесат „историска одлука“ за кандидатурата на Украина за членство во унијата, јави ДПА.

„Се надевам дека за 20 години, гледајќи наназад, ќе можеме да кажеме дека ја направивме вистинската работа“, изјави Фон дер Лејен за новинарите при враќањето од Киев, каде што беше во кратка посета.

„Предизвикот ќе биде да се излезе од самитот на ЕУ подоцна во јуни со единствен став „кој го одразува опсегот на оваа историска одлука“, додаде таа.

Вчера, фон дер Лејен пристигна во Киев за да разговара со претседателот Володимир Зеленски главно за преостанатите контроверзни точки во кандидатурата на Украина за членство.

ЕК сака на крајот на следната недела да ја објави својата препорака за доделување статус на земја кандидат за членство во ЕУ на земјата, која од 24 февруари се бори против руската инвазија.

„Украина постигна многу во последниве години, но останува уште многу да се направи“, изјави фон дер Лејен по враќањето во Полска.

„Нашата препорака темелно ќе го одрази ова“, додаде таа.

Слични содржини