Фон дер Лeјен: Иднината на Западен Балкан, Украина и Молдавија е во ЕУ

од Vladimir Zorba
420 прегледи

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лeјен денеска изјави дека иднината на Украина, Западен Балкан и Молдавија е во Европската унија.

Во својот годишен говор за состојбата на ЕУ пред Европскиот парламент, таа ги повика Европејците да ја воведат Украина во ЕУ и да го комплетираат тој блок, кој ќе вклучува најмалку 30 земји.

Таа оцени дека новото проширување на ЕУ е неопходно за тој блок да добие геополитичка тежина.

„Време е да размислиме како да се подготвиме за завршената ЕУ. Секое проширување донесе политичка длабочина“, рече таа.

Посочи дека клучен принцип на проширувањето на ЕУ е владеењето на правото и дека самиот процес се заснова на заслуги.

Фон дер Лејен рече дека проширувањето може да биде „катализатор за напредок“ во ЕУ.

Истакна дека комплетирањето на ЕУ е „најдобрата инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот за целиот континент“.

Додаде дека Украина направила големи чекори кон членството откако доби кандидатски статус минатата година, а истото го направиле и другите земји.

Фон дер Лејен истакна дека, со цел да се забрза процесот на пристапување на одделни земји, ЕУ ќе започне серија извештаи за состојбата на владеењето на правото во тие земји.

„На овој начин на земјите кои сакаат побрзо да влезат во ЕУ ќе им се помогне да ги стигнат земјите членки. Време е да одговориме на решителноста на земјите за реформи“, рече таа.

Таа нагласи дека влезот во ЕУ се заснова на заслуги и дека за такво нешто е потребна напорна работа и лидерство.

„Но, веќе има голем напредок, видовме големи чекори што Украина веќе ги направи оттогаш, како и другите земји“, рече Фон дер Лејен.

Вети дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина се додека е потребно и повтори дека ЕУ ќе понуди 50 милијарди евра во следните четири години за финансирање инвестиции и реформи.

„Нашата поддршка за Украина ќе продолжи“, рече Фон дер Лејен.

Кога станува збор за Грузија, таа рече дека знае колку е важна европската перспектива за многу луѓе во Грузија, но не спомена кога Тбилиси може да се приклучи на блокот.

Слични содржини