Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, се состана со косовскиот претседател Вјос Османи, за да ја започне посетата на Косово, како дел од турнејата низ Западен Балкан, јави агенцијата Анадолија.
За време на кратката посета на Косово, таа ќе се сретне и со косовскиот премиер Албин Курти.
По состанокот, Фон дер Лејен и Курти ќе ја посетат градинката Цикримат во приштинската населба Калабрија, изградена со средства на Европската унија. По посетата на градинката, ќе се обрати до јавноста.
Според Канцеларијата на ЕУ во Косово, вкупната инвестиција на ЕУ во образовниот сектор во Косово од 2007 година изнесува околу 85 милиони евра.
Фон дер Лејен ги посети Албанија и Северна Македонија.
На прес -конференција со албанскиот премиер Еди Рама, таа рече дека има загрижувачко зголемување на тензиите меѓу Косово и Србија поради ситуацијата во северно Косово.
– Неопходно е да се намали оваа тензија и да се врати на дијалог. Европската унија исто така е изградена врз основа на дијалог – рече Фон дер Лејен.
Таа ќе има средби и во Србија и Црна Гора. Турнејата низ регионот завршува во четврток со посета на Босна и Херцеговина. Предвидено е да присуствува на отворањето на граничниот премин и мостот Свилај, кој се наоѓа на северот од земјата на границата меѓу БиХ и Хрватска.