Прв приоритет на Африка е да ја развие својата економија и да извлече што е можно повеќе луѓе од сиромаштија, но и климатските активности се дел од решението поради огромниот потенцијал за обновлива енергија и чист водород, суровините, неверојатна природа и биодиверзитет и млада работна сила, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен во обраќањето на отворањето на Африканскиот самит за климата 2023 во кенискиот главен град Најроби.
„Можете да помогнете во развојот на глобалните енергетски системи и синџири за снабдување, истовремено создавајќи добри работни места тука и економски можности кои вашиот народ ги бара со право. Ова е понудено партнерство кое е од корист за Африка и светот. Придобивките од проширувањето на африканскиот сектор за чиста енергија би биле огромни. Со забрзување на транзицијата кон соларна и ветерна енергија, работните места во енергетскиот сектор во Африка би можеле да се удвојат за неколку години, а Африка би можела да произведе доволно чиста енергија не само за да го напојува вашиот континент, туку и да извезува во странство. Климатските активности можат да бидат еден од главните двигатели на растот на Африка“, посочи Фон дер Лејен.
Според неа, на Африка ѝ требаат огромни инвестиции, а Европа сака да биде нејзин партнер во обезбедувањето средства и за таа цел 150 милијарди евра во инвестициски план на ЕУ наречен „Глобална порта“ се наменети за африканските земји.
„Ние не сме заинтересирани само за извлекување ресурси. Сакаме да соработуваме со вас за да создадеме локални синџири на вредности, да создадеме добри работни места овде во Африка. Сакаме да ја споделиме европската технологија со вас. Сакаме да инвестираме во вештини за локалните работници. Ова е клучно за младите“, подвлече претседателката на ЕК.