Со одличните резултати кои ги постигна во реформите и со напорната работа, јас сум убедена дека Украина се движи кон следната фаза од процесот на пристапување кон ЕУ, изјави денеска во Киев претседателката на Европската комисија, Усрула фон дер Лејен.
На заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски по нивната средба, Фон дер Лејен нагласи дека Украина постигнала одличен напредок на патот кон ЕУ на што ќе бидеме сведоци следната недела кога Европската комисија ќе го објави својот извештај за проширувањето.
„Импресионирани сме од реформите кои ги направивте среде војна. Никогаш нема да заборавиме дека водите војна за опстанок, а во исто време длабоко ја реформирате земјата. Се справивте со многу предизвици, реформирајќи го правосудниот систем, ограничувајќи ја моќта на олигарсите, справувајќи се со перењето пари и уште многу повеќе“, додаде Фон дер Лејен.
Таа нагласи дека во исто време Украина направи значителен чекор напред и во модернизацијата на земјата, мерки што беа поддржани со 83 милијарди евра помош од ЕУ, но потребно е дополнително и предвидливо финансирање за остварување на поставените цели, па затоа Еврокомисијата им предложи на земјите членки на ЕУ да обезбедат дополнителни 50 милијарди евра за Киев до 2027 година.
„Со тоа ќе земјата дополнително ќе се модернизира преку реформи и инвестиции“, истакна претседателката на ЕК.
Таа потсети дека дури и во услови на војна, Украина продолжи да го снабдува светот со храна, па затоа од клучна важност е да се овозможи функционирање на рутите за извоз на украински прехранбени производи.
„Ние ќе продолжиме со нашите напори да ја натераме Русија да плати за својата агресија. Нашите постојни санкции имаат длабоки последици врз руската економија и наскоро на земјите членки ќе им го предложиме нашиот 12 пакет на санкции во кои ќе има нови листа на одговорни за инвазијата и окупацијата на оваа држава, но и на оние што се одговорни за бруталното киднапирање на деца и оние кои се инволивирани во ширење лажни вести и пропаганда. Пакетот ќе вклучува нови забрани за увоз и извоз и мерки за намалување на разликите во цената на нафтата“, подвлече Фон дер Лејен, додавајќи дека ЕУ ќе ги преземе овие санкции во координација со своите партнери до Г7.