Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, го поздрави планот на Словенија да се фокусира на односите со Западен Балкан за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ.
Пред Европскиот парламент во Стразбур, таа оцени дека Словенија е „мост кон Западен Балкан“ и ја поздрави организацијата на самитот на ЕУ и Западен Балкан, кои Словенија ќе ги организира во октомври.
„Убедена сум дека овој самит ќе испрати важна порака до земјите од регионот. Порака дека тие се клучни и стратешки партнери на ЕУ“, рече Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК изрази очекување дека за време на словенечкото претседателство ќе има напредок во пристапувањето на земјите од регионот, особено кога станува збор за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
Таа нагласува дека тоа е во интерес на ЕУ и нејзиниот кредибилитет.
„Кога ЕУ ќе даде ветување, мора и да го исполни“, заклучи Фон дер Лејен.