Листата на 100 најмоќни жени во 2025 година од американското списание „Форбс“ ја рангира претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прво место. Уредничкиот колегиум објаснува дека таа е првата жена што ја држи оваа позиција, одговорна за законодавството што влијае на повеќе од 450 милиони Европејци.
На второто место на листата е претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, на третото место е јапонската премиерка Санае Такаичи, која е исто така и првата жена што ја држи оваа позиција. На четвртото место е италијанската премиерка Џорџиja Мелони, на петтото место е мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум, а во првите 10 се извршната директорка на „Џенерал Моторс“, Марија Бара, и извршната директорка на „Сити“, Џејн Фрејзер.
Списанието, исто така, ги вклучи извршната потпретседателка и финансиска директорка на „Мајкрософт“, Ејми Худ, директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, претседателката и оперативна директорка на „Спејс Екс“, Гвин Шотвел, поп-пејачката Тејлор Свифт и индиската министерка за финансии и корпоративни работи, Нирмала Ситараман, на својата листа на 100 најмоќни жени.
На листата се и медиумската личност Опра Винфри, копретседателката на „Волт Дизни“, Дана Волден, британската министерка за финансии Рејчел Ривс, кинеската извршна директорка на „JD.com“, Сенди Ран Су, претседателката на Њујоршката берза, Лин Мартин, извршната директорка на „Водафон“, Маргарита Дела Вале и главната директорка за содржини на „Нетфлик“с, Бела Бахарија.
Меѓу 100-те најмоќни жени се и извршната директорка на „Фокс њуз“, Сузан Скот, финансиската директорка на „Дојче Фокс груп“, Мелани Крајс, јавната личност и претприемачка Ким Кардашијан, премиерката на Конго, Џудит Суминва Тулука, Мете Фредериксен од Данска и Миа Мотли од Барбадос.
Последното место на листата го зазедоа хероините од анимираната серија „KPop Demon Hunters“ во копродукција на „Нетфликс“ и „Сони Рекордс“ за женскиот бенд од К-поп (HUNTR/X) и која до декември 2025 година беше прегледана повеќе од 325 милиони пати и стана најпопуларниот филм на „Нетфликс“ досега.
Листата, која се објавува по 22-ри пат, е креирана врз основа на четири главни критериуми – пари, медиуми, влијание и сфера на влијание. Вклучува жени од областите на политиката, финансиите, медиумите, забавата, претприемништвото, а исто така вклучува и 17 жени кои претходно не биле на листата.