Ford Mustang GTD ќе пристигне во Европа следниот месец

од Vladimir Zorba

Најмоќниот и најскапиот Mustang се крие зад ознаката GTD, а нумерички ограничениот одговор на Ford (неофицијално, 1.000 примероци) на слично дизајнирани европски спортски автомобили, за кои досега се пријавиле околу 7.500 потенцијални купувачи, ќе им биде претставен на Европејците за првпат на овогодинешното издание на „24 часа Ле Ман“ кое започнува на 15-ти јуни.

По трката во Ле Ман, во која два „галопирачки коња“ ќе се борат за слава во новоформираната класа GT3, Mustang GTD ќе се појави и пред публика која во живо ќе ја следи трката „24 часа СПА“ во Белгија и Фестивалот на брзината во Гудвуд.

На крајот од европската турнеја, каде инженерите и тест возачите од одделот Ford Performance ќе проверат како GTD се справува на различни европски патишта, „синиот овал“ ќе го објави и времето на круг што ќе го постигне најмоќниот Mustang на познатата германска патека Нирбургринг.

Грег Гудал, првиот човек на инженерскиот оддел само за Mustang GTD, е убеден дека громогласното купе (со главно панели на каросеријата од карбонски влакна и адаптивна суспензија/аеродинамика) ќе го „затвори“ кругот во Нирбургринг за помалку од седум минути, и откри дека за време на интензивните тестирања во Северна Америка, GTD помина многу време на патеката Себринг.

Претходно беше објавено дека Mustang GTD го придвижува 5,2-литарски Coyote V8 мотор кој, со помош на механички компресор, развива повеќе од 800 коњски сили при 7.500 вртежи во минута. Преносот на моќноста до задната оска се управува со ново развиен 8-брзински автоматски менувач со две спојки, а податоците за перформансите сè уште не се откриени. Претходните информации за цената беа спомнати околу 325.000 долари.

Слични содржини