Американскиот автомобилски гигант Ford Motor објави дека ќе инвестира дополнителни 149 милиони фунти за зголемување на производството на погонски единици за електрични возила во фабрика за мотори во северна Англија.
Ford ќе инвестира 125 милиони фунти во фабриката Хејлвуд на северот на Англија и уште 24 милиони фунти во развој и тестирање на нови делови што треба да се произведуваат во фабриката.
Со најавената сума, компанијата ќе ја зголеми вредноста на инвестицијата за транзиција на британската фабрика кон производство на делови за електрични возила на 380 милиони фунти.
Производствениот капацитет во Хејлвуд ќе се зголеми од 250.000 на 420.000 единици годишно, почнувајќи од 2024 година, објави американската компанија, додавајќи дека инвестицијата ќе заштити повеќе од 500 работни места.
До 2026 година, фабриката треба да снабдува делови за 70 отсто од вкупно 600.000 електрични возила што компанијата планира да ги пласира годишно на европскиот пазар.
Ford ќе продава само електрични возила во Европа од 2030 година, пет години пред да стапи на сила забраната за продажба на нови патнички автомобили со фосилни горива во ЕУ.
До 2024 година Хејлвуд ќе лансира девет електрични модели на европскиот пазар, а фабриката во Хејлвуд ќе произведува погонски единици за пет големи модели кои ќе се произведуваат во Романија и Турција, изјави главниот извршен директор на британската филијала Тим Слејтер.