Шесте генерации на модели на Ford Mustang во претходните шест децении беа одраз на приоритетите и амбициите на компанијата. Седмата генерација, чија премиера е најавена за 14 септември, ќе биде одраз на големите промени во американскиот гигант.
Ford ги намалува работните места и ја реорганизира својата работна сила за да им даде приоритет на електричните возила, кои сочинуваат помалку од три отсто од продажбата на Ford во САД од почетокот на годината. Промените се случуваат брзо, па така од 1 април се продадени 286 примероци повеќе од електричниот кросовер Mustang Mach-E од бензинската верзија на легендарното купе.
Во таква атмосфера се подготвува 2024 Mustang. Автомобилот ја добива новата платформа S650, но не се очекуваат драстични разлики во однос на сегашниот S550. Планот за хибридна верзија е отфрлен, според извори од Ford, а автомобилот нема да има ниту погон на сите тркала, за што исто така се шпекулираше. Наместо тоа, ќе се задржи формата на спортско купе со погон на задните тркала.
Ford ги информираше добавувачите дека го продолжува производствениот век на моделот од шест на осум години, но сигурно е дека ова ќе биде последниот Mustang на бензин пред очекуваната транзиција на батерии околу 2030 година.
Dodge ќе го прекине производството на бензинските модели Charger и Cahlenger следната година, а General Motors се очекува да го прекине производството на Camaro, кој и онака слабо се продава, во 2025 година.