Платформата за граѓанска политика АЈДЕ! пред Министерството за здравство побара одговорност за сите виновници за смртта на Тамара Димовска и ги повика сите граѓани да не дозволат ваквите жртви на популистичкиот режим да бидат заборавени.
„9-годишната Тамара Димовска е последна во низата на жртви, на несовесно и неодговорно работење на Минстерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Министерот за здравство, Никола Тодоров јавно вети дека Фондот за здравствено осигурување ќе го плати лекувањето на Тамара во странство, но тој излажа и затоа треба да понесе одговорност“, порачаа од АЈДЕ!.
АЈДЕ! не бара одговорност само од Тодоров, туку и од директорите на Фондот за здравство, Маја Парнарџиева – Змејкова и Џемали Мехази, заменик-претседателот на првостепената комисија, Владимир Поповски и претседавачот на второстепената, комисија Аспазија Софијанова.

