Полицајците во Портланд, во американската сојузна држава Орегон, запреле автомобилот и при увидот забележале торба со натпис „торба која дефинитивно не е полна со дрога“. Всушност, било сосема спротивно, пронајдени се 79 таблети син фентанил, три лажни таблети оксикодон и 230 грама метамфетамин, јавуваат американските медиуми.
„Возачот и сопатникот се уапсени. Внатре во возилото имало повеќе пакувања со дрога, вклучувајќи метамфетамин и сини апчиња фентанил, неколку ваги, пари и наполнето огнено оружје“, изјави портпаролот на полицијата во Портланд, наредникот Кевин Ален.
Повеќето од пронајдените кеси со дрога биле во кафена платнена торба со натпис „торба која дефинитивно не е полна со дрога“.
Фотографијата на која се гледа торбата и одземената содржина го привлече вниманието на медиумите и бројните корисници на социјалната мрежа Икс.
Осомничените, 35-годишниот Реџиналд Рејнолдс и 37-годишната Миа Багенстос, се соочуваат со обвиненија за поседување дрога и поседување украдено возило.