Салма Хајек беше гостинка на традиционалната LACMA Art+Film Gala што се одржа во Лос Анџелес. Познатата актерка дошла со сопругот, модниот магнат Франсоа-Анри Пино, а брачната двојка заедно позирала на црвениот тепих, кој за оваа прилика бил во сина боја.
При изборот на комбинацијата, Салма Хајек го фаворизирала сјајот, дури и пренагласувањето, а токму таков беше и фустанот од модната куќа Гучи кој го носеше на гала вечерата која се одржа во Музејот на уметност во Лос Анџелес. Заводливиот фустан е целосно покриен со блескави вметнати дијаманти, а боите се прелеваат од зелена до розова со омбре ефект.
Половината е дополнително нагласена со тенок сребрен појас, како и тенките ремчиња на рамената, додека на пределот на изразеното деколте има нежна розова чипка. Блескавата креација Салма ја комплетираше со долги ракавици од истиот материјал како и фустанот, украсени со гламурозни дијамантски алки од скапиот бренд за накит Рахаминов.
Салма Хајек е голем љубител на екстремно високите потпетици, а за ова свечено вечерно издание избра токму такви чевли, поточно сандали со густа металик сребрена платформа кои ѕиркаа под долгиот фустан.