Светската ѕвезда Бијонсе го најави својот нов албум – „Renaissance“ – кој треба да биде достапен од 29 јули. Фотографијата со која го најави албумот предизвика огромно внимание кај светската јавност.
Шест години по нејзиниот мултимедијален албум „Lemonade“, кој доби извонредни критики од критичарите и публиката – и служеше како критика на американското општество, расизмот и полициската бруталност во таа земја, уметничката најави нов проект со минималистички визуелни елементи на социјалните мрежи и стриминг платформи.
Списокот на Apple Music покажува дека албумот ќе има 16 песни.
Првиот сингл од албумот наречен „Break My Soul“ укажува дека овој пат Бијонсе го избира DeepHouse како музички жанр, повторно оддавајќи им почит на нејзините предци, Афроамериканците кои се одговорни за популаризацијата и воспоставувањето на овој музички правец во текот на осумдесетите и деведесеттите години на минатиот век.
Бијонсе е една од најуспешните изведувачи на сите времиња, со над 118 милиони продадени албуми и синглови. За нејзиниот успех во 2000-тите, Бијонсе ја доби титулата уметник со најофицијални сертификати од Здружението на индустријата за снимање на Америка, а титулите за врвен радио изведувач и за најдобар женски изведувач на деценијата од магазинот Билборд. Пејачката е и уметник со најмногу номинации во историјата на Греми наградите – има 70, а втора најодликувана жена уметник со 24 награди.
Во последниве години, таа ја посвети својата кариера на борбата за правата на жените и Афроамериканците, што ја направи најголемата црна икона во САД и светот.