„Фракциоионирањето на ‘Огнената група’ би имало лоши последици по ДУИ“

од Destan Jonuzi
344 прегледи

Членовите на таканаречената „Огнена група“ пред утрешната седница на Генералниот совет на Демократската унија за интеграција (ДУИ) имаа неколку консултативни средби во седиштето на ДУИ во мала Речица, додека денешниот консултативен состанок што требаше да се одржи во 14 часот во партиското седиште во Тетово го бојкотираат, дознава „Локално“ од партиски извори.

И по консултациите на оваа група не беше постигнат консензус за нивните барања за одговорност на министрите од оваа партија, како и за можноста за ослободување од повеќе функции на првиот вицепремиер и министерот за политички систем, Артан Груби, кој е и организационен секретар на партијата. Експонентите на „Огнената група“ не ја исклучуваат можноста за фракционерство во ДУИ.

– Оваа група има за цел да ја спаси ДУИ, да ја врати дебатата во партијата, конституирање на органите на партијата, вршењето на овластувањата на секој орган и поединец, враќање на политичкото одлучување согласно барањата артикулирани од органите, а не во рацете на само две лица, изјавија од „Огнената група“, алудурајќи на вицепремиерот Артан Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Но, дали фракционерство ќе ја ослаби или зајакне ДУИ?

Политичкиот аналитичар Бесим Небиу во изјава за „Локално“ вели дека неуспехот на Али Ахмети да најде „соломонско решение“ со кое ќе биде задоволни и „Огнената група“ а истовремено да не се наруши неговата неприкосновеност при водење кадровска и висока владина политика, извесно е дека би донело до фракција во ДУИ.

Бесим Небиу

– Во доесегашното 30 годишно искуство, партиите не успеваат да менаџираат фракции и фракциите секогаш носеле до отцепување и создавање на нови политички субјекти. Имајќи предвид дека главни носители на „Огнената група“ се локалните лидери на ДУИ во неколку општини каде имаат солидна гласачка и база (Чаир, Сарај, Липково)– фракциоионирањето и отцепување на „Огнената група“ би донела до лоши последици по ДУИ, и би ја рекомпонирало целосно политичката карта во албанскиот блок, вели Небиу.

Новинарот и политички коментатор Ацо Кабранов смета дека „огнената група“ во рамките на ДУИ се бори за моќ и бизниси, не за немање демократија.

Ацо Кабранов

– Сето ова го прават демек им сметал Груби и министрите, а Ахмети на крај се сведува во притисок. Ахмети да биде нивен односно да стави ДУИ министри кои тие ќе ги командаат како порано. Мислам дека се борат за моќ и бизниси, не за немање демократија. А што? Кога беше Муса Џафери демократијата им цветала во партијата! Сигурно дека овој нивен бунт ќе се одрази, но мислам дека некоја поголема штета на партијата, ако тоа им е целта, нема да биде голема, изјави Кабранов за „Локално“.

Едноставно, додава тој, се борат за милост кај Ахмети кој е неприкосновен, а се чуствуват запоставени.

-Лично мислам дека со нив ќе донесе демократијата во партијата, не се они нови лица , јавноста добро ги знае и нив и овие против кои се борат, нагласи Кабранов.

На синоќешното телевизиско гостување министерот за економија и член на ДУИ, Крешник Бектеши нагласи дека „Министрите на ДУИ се меѓу најактивните и секојдневно известуваат пред граѓаните“.

Тој зборуваше и за викенд состанокот на највисоките органи на ДУИ, на кој министрите ќе даваат отчет, по барањето на таканаречената „Огнена група“.

– Не очекувам ескалација, ќе се пријавам пред органите на партијата, а најважно пред граѓаните. Министрите од ДУИ се најактивни во Владата. Додека Ахмети веќе 20 години е неприкосновен лидер, кој покажа дека и мисли најдобро на државата, изјави Бектеши.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) во сабота ќе одржи состанок на Генералниот совет, а на дневен ред се 3 точки: конституирање на Претседателството на партијата, избор на надзорен орган на генералниот совет, како и распишување на избори во подмладокот на партијата.

Генералниот совет на ДУИ што ќе се одржи в сабота, со почеток во 13:00 часот, во Тетово, доаѓа по средбата на лидерот Али Ахмети со таканаречената „Огнена група“, поточно со Муса Џафери, Изет Меџити, Блерим Беџети, Невзат Бејта и Садула Дураку. Првите четворица, поддржани од дел од членовите на партијата, му напишаа отворено писмо на Ахмети, а изразија незадоволство од работата на вицепремиерот Артан Груби, како и од нефункционалноста на партиските тела подолго време.

Д.Ј.

Слични содржини