Претседателот Емануел Макрон најави дека Франција ќе ги испрати првите западни оклопни борбени возила во Украина, додека американскиот претседател Џо Бајден рече дека САД размислуваат да испратат свои оклопни возила за да им помогнат на украинските сили.
Најавите за испраќање на првите западни оклопни возила во Украина се уште еден чекор во зголемувањето на снабдувањето на украинските сили со напредно оружје и може да го зголеми притисокот врз другите западни земји да го сторат истото, пишуваат светските медиуми.
Макрон вети дека ќе и достави на Украина оклопни борбени возила за помош во војната против Русија, откако Киев побара од своите сојузници да обезбедат тенкови, посочува Фајненшл тајмс.
Овој потег, како што оценува британскиот весник, сигнализира дека Франција, која има еден од најголемите одбранбени буџети меѓу членките на НАТО, е посветена на поддршката на Украина додека војната со Русија се приближува на втората година.
Елисејската палата одби да прецизира колку француски оклопни возила АМХ-10 ќе бидат испратени или кога ќе бидат испорачани, но одлуката ја претстави како знак дека Макрон сака „да ја засили воената помош за Украина“.
Франција ќе испрати и оклопни транспортери „Бастион“, кои ќе бидат купени од фондот од 200 милиони евра што го формира владата во Париз за Украина за купување воена опрема.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и Макрон по телефонскиот разговор изјавија дека се договориле за понатамошна соработка за значително зајакнување на воздушната одбрана и другите одбранбени капацитети.
Киев бара од своите сојузници да обезбедат оклопни борбени возила, како и тенкови, системи за противвоздушна одбрана и ракети со поголем дострел додека се подготвува за можна руска офанзива подоцна оваа зима. Од друга страна, истакнува Фајненшл тајмс, оклопните возила и оклопните транспортери се исто така клучни за контраофанзивата што Киев би можел да ја започне оваа година.
Иако AMX-10 е официјално опишан како тенк, тој технички е оклопно возило на тркала, а е полесен и помобилен од тенк.
Без разлика, оценува весникот, одлуката на Франција да го испорача АМХ-10 е чекор кон обезбедување тенкови за Украина, нешто што Киев постојано го бараше од своите поддржувачи од Западот.
Сојузниците на Украина одбија да му дадат на Киев борбени тенкови според НАТО стандардите. Украина особено сака тенкови Леопард од германско производство, кои ги користат неколку европски земји и се широко достапни. Сепак, Берлин одби, плашејќи се дека Москва може да го сфати тоа како ескалација.