Францускиот суд на ревизори објави извештај според кој земјата би можела да остане без пари до 2027 година, а главната причина за ова се обемните социјални програми кои го зголемуваат дефицитот, пишува Политико.
Во извештај објавен во понеделник, највисоката ревизорска институција во земјата изјави дека трошоците за социјално осигурување се „надвор од контрола“.
Документот, исто така, предупредува дека „кризата на ликвидност“ би можела да ги загрози исплатите на социјалните бенефиции веќе во 2027 година и да влијае на способноста на Франција да се задолжува на финансиските пазари.
Францускиот систем за социјално осигурување забележа дефицит од 15,3 милијарди евра во 2024 година, а владата предвидува дека програмата ќе биде во минус од 22,1 милијарди евра во 2025 година.
Судот на ревизори изјави дека верува оти дефицитот во 2025 година веројатно ќе биде уште поголем, бидејќи оваа прогноза се базира на владини проекции за раст и заштеди преку намалување на даноците, кои авторите на извештајот ги оценија како претерано оптимистички.
„Треба повторно да ја преземеме контролата. Во текот на изминатите години, особено во 2023 и 2024 година, ја изгубивме контролата врз јавните финансии“, рече претседателот на судот, Пјер Московиси, во интервју за радио RTL.
Буџетскиот дефицит на Франција драматично се зголеми во последните години, достигнувајќи 5,8 проценти од бруто домашниот производ во 2024 година, што е далеку над ограничувањето од три проценти утврдено со правилата на Европската унија.