Франција ќе продолжи да ги обучува украинските војници на нејзина територија, изјави министерот за вооружени сили на земјата Себастиен Лекорну во интервју за Tribune Dimanche.
Француската армија моментално обучува околу 2.300 припадници на украинските вооружени сили во регионот Гранд Ест на истокот од земјата. Според министерот, „Украина треба да формира десет нови бригади“.
Во однос на воената помош, Лекорну рече дека Франција работи на процесот на стратешко зближување со Украина.
Одговарајќи на прашањето дали продолжувањето на испораката на оружје за Украина ќе му наштети на францускиот буџет, министерот рече дека Париз на Киев му испраќа стара опрема, која во секој случај француската армија би ја заменила за помодерна. Дополнително, доколку се набави нова технологија, таа „не е нарачана од САД, туку од француски компании“.
„Исто така, ги користиме приходите од замрзнатите руски средства за купување воена опрема за Украина. До крајот на 2024 година Франција доби 300 милиони евра. Тие средства беа искористени за нарачка на 12 нови самоодни артилериски оружја „Цезар“, како и гранати од 155 милиметри, ракети „Астер“ и наведувани бомби ААСМ, фрлачи и ракети „Мистрал“, прецизира Лекорну.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во јули изјави дека Русија дефинитивно ќе одговори на кражбата на нејзините средства во Европа. Тој нагласи дека Москва има намера да организира правно гонење на инволвираните во ова. Според него, Европа тргнала по најлошиот пат, одлучувајќи да ги искористи руските средства за да му помогне на Киев.