Франција забрани продажба на пиротехнички средства на 14 и 15 јули

од Radmila Tasevska
350 прегледи

Франција забрани продажба, поседување и транспорт на пиротехнички средства на 14 јули кога е националниот празник и на 15 јули, по немирите предизвикани по смртта на тинејџер кој беше застрелан од полицаец, соопшти денеска Владата.

Пиротехничките средства беа користени како оружје за време на немирите што избувнаа во Франција откако полицаец застрела 17-годишно момче во текот на сообраќајна контрола во близина на Париз на 27 јуни, што повторно ги разгоре долгогодишните фрустрации и обвинувањата за системски расизам во француските сили за безбедност.

„За да се спречи ризикот од сериозно нарушување на јавниот ред за време на прославата на 14 јули, продажбата, поседувањето, транспортот и употребата на пиротехнички средства се забранети до 15 јули“, се вели во владиниот декрет објавен во весникот „Ле Журнал ду Диманш“ („Le Journal du Dimanche“).

Забраната, како што се посочува, не се однесува на професионалци или општини кои организираат традиционален огномет за прославите на Денот на Бастилја.

Загрижена поради можните обновени немири, премиерката Елизабет Борне вчера за дневниот весник „Ле Парисиен“ („Le Parisien“) рече дека Владата ќе распореди „огромни ресурси за да ги заштити Французите“ за време на националниот празник.

Огнометот е вообичаен за време на прославите на Денот на Бастилја. Пиротехнички средства исто така често се користат за време на протестите во земјата.

Слични содржини