Француските научници открија нова крвна група

од Milan1
42 прегледи

Покрај добро познатите крвни групи A+, A-, B+, B-, AB+, AB-, O+, O-, во последниве години се откриени уште околу десетина крвни групи, а најновата, наречена Гваделупска негативна, ја идентификуваше група научници од Францускиот институт за крв (EFS) кај пациент од Гваделуп.

Според дневниот весник „Паризиен“, француските научници ја откриле 48-мата крвна група позната досега.

„Петнаесет години откако добивме примерок од крв од пациент по потекло од Гвадалупе, нашите истражувачки тимови беа во можност да идентификуваат и карактеризираат нова група“, беше објавено на LinkedIn профилот на EFS.

Откритието беше презентирано пред експерти за трансфузиолошка медицина за време на Светскиот конгрес на Меѓународното здружение за трансфузија на крв во Милано, на 31 мај оваа година.

Ова откритие е важно првенствено за трансфузија, бидејќи некомпатибилноста помеѓу дарителот и примателот може да предизвика реакции кај примателот, почнувајќи од блага непријатност до смрт, пренесува Танјуг.

„Важно е и за жените кои очекуваат деца: ако мајката има ретка крвна група, таа може да создаде антитело кое може да го нападне сопственото дете“, се наведува во соопштението.

Откритијата на нови крвни групи отвораат и нови перспективи во онкологијата, неврологијата, па дури и ревматологијата. Крвната група се смета за ретка кога има помалку од четири лица на 1.000 жители и кога нема други компатибилни крвни групи за трансфузија, се наведува во соопштението на EFS. „Околу еден милион Французи се погодени од овој проблем, но само 10 проценти од нив се свесни за тоа“, истакнуваат научниците.