Французите од оваа година се обврзани да компостираат органски отпад од своите домови

од Vladimir Zorba
455 прегледи

Во Франција, на 1 јануари 2024 година, стапија на сила правилата кои ги обврзуваат сите граѓани да го компостираат органскиот отпад од своите домови. Тоа значи дека остатоците од храна, лушпите од зеленчук, храната со поминат рок и отпадот од градината треба да се ставаат во посебни канти за компостирање.

Домаќинствата и деловните субјекти можат да изберат помеѓу две опции: самостојно да го компостираат органскиот отпад во нивните сопствени компостери или да го испратат до собирните места во нивната општина.

Претходно, обврската за сепарација важеше само за субјектите кои во текот на годината произвеле над пет тони биоотпад. Сега тоа мора да го направи просечниот жител, кој годишно фрла 82 килограми отпад што може да се компостира.

Одговорност на локалните власти е да им обезбедат на домаќинствата можност и инфраструктура за лесно компостирање или сепарација на органскиот отпад користејќи средства од националниот Зелен фонд. Се додека не се заврши овој зафат, нема да бидат казнети оние кои нема да ги почитуваат новите обврски. Останува да видиме дали правилата ќе бидат заострени во иднина.

Но, намерата на Франција не е само да фрли помали количини ѓубре, туку и да му даде нов живот на органскиот отпад: во случај да се компостира во организација на надлежните органи, биоотпадот ќе се користи за производство на биогас или како замена за хемиски ѓубрива (со тоа се намалува нивното производство).

Компостот обично е извор на хранливи материи за почвата, па граѓаните – доколку компостираат во нивниот распоред – можат да ги хранат растенијата со вакво природно ѓубриво.

Од друга страна, кога нема компостирање, ѓубрето завршува или на депонии или во инсинератори, каде што се ослободуваат гасови со ефект на стаклена градина, со што се продлабочуваат климатските промени.

Според пресметките на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), био-отпадот сочинува 3% од вкупните штетни емисии на Европската унија, пред се поради ослободувањето на метан во процесот на распаѓање во депониите.

Во 2019 година, француските домаќинства компостирале 1,7 милиони тони од вкупно произведените 12,4 милиони тони биоотпад, покажуваат официјалните податоци.

Со задолжителното компостирање, ова може да се зголеми.

Слични содржини