Франција го прославува Денот на падот на Бастилја

од Stefanija Kuzmanovska
164 прегледи

Франција денеска го прослави националниот празник Денот на падот на Бастилја со традиционална парада во која учествуваа илјадници војници.

Парадата започна со прелетување на француски борбени авиони, а покрај француските војници, трупите на Летонија, Литванија, Полска, Чешка, Словачка, Романија, Бугарија и Унгарија, како и мултинационалните трупи на НАТО распоредени во Романија, маршираа и по Елисејските полиња.

Мотото на овогодинешното одбележување на Денот на Бастилја гласи „Споделување на пламенот“, кое се поврзува со Олимписките игри кои ќе се одржат во Франција во 2024 година, а денешниот спектакл ќе заврши со ноќен огномет од Ајфеловата кула, јави АП.

Во пресрет на Денот на Бастилја, францускиот претседател Емануел Макрон уште еднаш ја поддржа Украина и повика на преиспитување на воената организација на Франција, за да биде подготвена да се соочи со нови закани, како и да се разгледа оправданоста на француското воено присуство во Африка.

Денот на Бастилја го одбележува 14 јули 1789 година, кога гневните граѓани на Париз влегоа во озлогласената тврдина-затвор Бастилја, која е еден од настаните што ја одбележаа Француската револуција и е симбол на националното единство на Французите, а прославите се одржуваат низ земја, но и во други делови на светот, наведува АП.

Слични содржини