Франција и Јапонија сакаат да соберат парчиња од една од Марсовите месечини и да ги донесат на Земјата, соопшти шефот на францускиот Центар за вселенски истражувања Жан-Ив Ле Гал.
Во рамките на Проектот за истражување на Марсовите месечини во 2024 година ќе биде истрелана сонда, чија цел е Фобос – поголемата и поблиска од двете месечини на Црвената планета.
Во понеделникот Париз и Токио склучија прелиминарен договор и до крајот на годината ќе донесат конечна одлука за својата мисија, додаде Ле Гал.
“Ова е многу важна мисија, бидејќи – освен Месечината, тоа ќе биде прв пат во кој примероци од сателит на планетата ќе бидат вратени на Земјата”, посочи тој.
Ле Гал смета дека испраќањето на шатл до Фобос ќе е полесно од доаѓање до Марс, бидејќи апаратот нема да се судира со тешката атмосфера на планетата. Јајцевидниот Фобос е со дијаметар од 27 километри, а научниците се надеваат дека со анализа на неговиот состав ќе се одговори на прашањето за неговото потекло.
Според една од теориите месечината е поранешен астероид фатен од гравитацијата на Марс. Според друга таа е остаток од формирањето на самата планета. Фобос е и сателит, кој се наоѓа најблиску до својата планета – само на 6.000 километри, како и секоја година растојанието се скратува со околу 2 метри.
Според научници Фобос ќе биде целосно притеглен од Марс по околу 30 до 50 милиони години. Во 2011 година Русија истрела ракета која требаше да отиде до Фобос, но мисијата беше неуспешна. Во 2020 година се очекува да биде даден почеток на заедничката руско-европска мисија ExoMars, чија цел ќе биде пребарување на живот на Марс. Во исто време од НАСА планираат да испратат луѓе до Црвената планета во следните 10-15 години.