Во Франција денеска се одржуваат претседателски избори, чиј исход може да доведе до тектонски пореметувања во Европската унија, бидејќи Марин Ле Пен за првпат е сериозен противник на актуелниот шеф на државата – Емануел Макрон.
Двајцата претходници на Макрон, Никола Саркози и Франсоа Оланд, не успеаја да добијат втор претседателски мандат, но неодамнешните анкети покажуваат дека Макрон би можел да го стори тоа, иако не толку лесно како пред пет години.
Ле Пен во октомври минатата година имаше поддршка од само 15 проценти од гласачите, но во меѓувреме, со повеќемесечната кампања, во која ги посети не само повеќето градови, туку и населбите, како и промената на реториката, ја намали разликата со Макрон на три проценти. Последните анкети, објавени пред неколку дена, покажуваат дека Макрон би можел да добие 26 отсто од гласовите во првиот круг, а Ле Пен 23. Се очекува актуелниот претседател да добие 53 отсто во вториот круг, а Ле Пен 47 отсто.
Аналитичарите, пак, предупредуваат дека трката не е решена, пред се затоа што анкетите покажале дека никогаш немало повеќе неопределени гласачи на неколку дена пред изборите, кои ќе ја донесат одлуката во последен момент. Дополнително, се посочува дека на гласање би можело да излезат рекордно низок број гласачи. На претседателските избори традиционално гласаат околу 80 отсто од запишаните во избирачките списоци, а сега се очекува десет отсто помалку.
Ако е така, општото мислење е дека посоодветно би било за Ле Пен, која со работата на терен успеа да привлече голем број гласачи на своја страна.
Французите најмногу му замеруваат на Макрон што практично ја игнорирал кампањата и се занимавал речиси исклучиво со војната во Украина, па дури и не одеше на традиционални телевизиски дебати со противниците.
На почетокот на војната во Украина, Макрон се чинеше дека ја игра вистинската карта, кога се обиде да биде „спасител на Европа“ во многубројните разговори со рускиот претседател Владимир Путин, но потоа следеа големи поскапувања и гласачите добија впечаток дека тој немал чувство за нивните секојдневни проблеми.
Ле Пен, пак, во кампањата целосно ја изостави мигрантската тема, која претходно и освои многу гласови, а вешто избегнуваше да го коментира руско-украинскиот конфликт. Наместо тоа, таа се фокусираше исклучиво на проблемите кои најмногу ги засегаат Французите – огромните поскапувања на енергијата и речиси на сите прехранбени производи, а нејзината популарност растеше од ден на ден.
Дали тоа ќе и овозможи да ја направи неизвесна претседателската трка во вториот круг, останува да видиме, а аналитичарите сметаат дека во голема мера ќе зависи од исходот на телевизискиот дуел со Макрон, кој е закажан за 20 април, четири дена пред вториот круг.
За претседател се натпреваруваат 12 кандидати, а лидерот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон се очекува да заврши на третото место со околу 17 отсто од гласовите. Кандидатот на умерената десница Валери Пекресе и кандидатот на крајната десница Ерик Земур би можеле да добијат по девет отсто од гласовите.