Франција: Макрон и Марин Ле Пен во вториот круг од претседателските избори

од Vladimir Zorba
236 прегледи

Според прелиминарните резултати, врз основа на 97 отсто од обработениот материјал, актуелниот претседател на Франција, Емануел Макрон, води во првиот круг од претседателските избори со 27,60 отсто од гласовите пред второпласираната Марин Ле Пен, кандидатката на десничарското Национално собрание (РН), кое освои 23,41 отсто, соопшти француското Министерство за внатрешни работи.

На трето место е лидерот на левичарското движење La France Insoumise (LFI), Жан-Лук Меланшон, кој освои 21,95 отсто од гласовите.

Четврти е кандидатот на десницата Ерик Земур со 7,05 отсто од гласовите, објавено е на сајтот на француското Министерство.

Макрон: Можеме да избереме нова француска и европска ера

„Во следните 15 дена не треба да штедиме напор бидејќи ништо не е направено, да бидеме скромни и одлучни“, им порача францускиот претседател Емануел Макрон на француските граѓани.

„На 24 април можеме да избереме нова француска и европска ера. На 24 април можеме да направиме избор на надеж. На 24 април можеме да направиме избор на Франција и Европа заедно“, им порача тој на своите поддржувачи за вториот круг на претседателските избори.

Ле Пен: Ќе ја средам Франција за пет години доколку бидам избрана

Кандидатката на крајната десница Марин Ле Пен вечерва ги повика да и се придружат „сите што не гласале за Емануел Макрон“, со ветување дека за пет години ќе ја доведе Франција во ред.

„Францускиот народ ми ја даде честа да се квалификувам во вториот круг. Искажувам искрена благодарност до моите гласачи. Гледам дека се зголеми надежта кај силите кои сакаат закрепнување на земјата. Ги повикувам сите оние кои не гласаа за Макрон денес да ни се придружат“, рече таа, објави „Фигаро“.

Меланшон: Не смеете да и дадете еден глас на Марин Ле Пен

Третиот во првиот круг од претседателските избори во Франција, лидерот на левичарското движење La France Insoumise (LFI), Жан-Лук Меланшон, кој освои 20,2 отсто од гласовите, изјави дека неговите поддржувачи знаат за кого никогаш нема да гласаат.

„Не ги давајте вашите гласови на г-ѓа Ле Пен. Не смееме да и дадеме еден глас на г-ѓа Ле Пен. Мислам дека ја слушнавте оваа порака сега“, посочи тој, пренесе Фигаро.

Идалго: Гласајте за Макрон на 24 април

По објавувањето на првите проценки за резултатите од првиот круг на претседателските избори во Франција, некои кандидати најавија когo ќе поддржат во вториот круг.

Кандидатот на левицата и градоначалник на Париз од 2014 година, Ан Идалго, која освои 1,9 отсто од гласовите, беше првата што се обрати пред печатот и ги повика своите гласачи да гласаат против екстремната десница и да му го дадат својот глас на Макрон на 24 април, објави TF1.

Слични содржини