На првиот ден од 2022 година, Франција од Словенија го презеде ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ, кое ќе биде обележано со изборната кампања за претседателските избори во април и парламентарните избори во јуни.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој се уште не ја објавил својата кандидатура за втор претседателски мандат, но се очекува тоа да го стори наскоро, се брани од обвинувањата на неговите противници дека претседателската функција ќе ја користи за предизборни цели. Неговиот аргумент е дека тој не го избрал календарот и редоследот на ротирачкото претседателство.
Број 13 за Франција на чело на ЕУ
Поради изборите, најголем дел од настаните во Франција поврзани со претседателската функција ќе бидат во првите три месеци, за да не се користат за предизборни цели, што е забрането според француските закони.
Ова е 13-то претседателство на Франција, една од шесте членки-основачи на ЕУ, а последен пат претседаваше во втората половина на 2008 година.
-Новото претседателско трио, составено од Чешка, која ќе претседава во втората половина на годината и Шведска во првата половина на следната година, ќе започне со француското претседателство. Претседателската тројка беше воведена со договорот од Лисабон со цел да се обезбеди континуитет на работата во Советот на ЕУ. Тројката утврдува долгорочни цели и подготвува заедничка програма, утврдувајќи ги темите и главните прашања што Советот ќе ги решава во следните 18 месеци, пренесува „Јутарњи лист“.
„Опоравување, сила, припадност“ е слоганот што Франција го избра за шестмесечното раководство на Унијата.
Опоравување, сила, припадност…
Суверенитетот на Европа е клучна формула на француското претседателство, а Макрон тоа го повторува уште од неговиот говор на Сорбона во 2017 година.
„Кога би ја сумирал целта на ова претседателство во една реченица, би рекол дека мора да преминеме од соработка во нашите граници во моќна Европа во светот, целосно суверена, слободна да го избере својот пат и да владее со својата судбина,“ рече Макрон на прес-конференција во декември, каде што ги претстави приоритетите на претседателството.
За Макрон, суверена Европа пред сè значи способност да управува со своите граници.
Заштитата на границите е неопходен услов за безбедноста на Европејците, за соочување со мигрантскиот предизвик.