Францускиот предлог за македонска деблокада стигна до собраниската Комисија за надворешни работи во бугарското Собрание. Тој предвидува кревање на ветото на 23 јуни, но отворање на првите преговарачки поглавја откако Македонија ќе ја исполни главното барање, вметнување на Бугарите во Уставот.
Во целосниот текст од преговарачката рамката на Македонија со ЕУ, што француското претседателство го подготви, стои дека Советот на ЕУ ја поздравува континуираната определба на Северна Македонија да продолжи напред со реформската агенда на ЕУ и да постигне опипливи и одржливи резултати, што го отвори патот за одлуката за отворање на пристапните преговори во март 2020 година.
Понатаму пишува дека на патот на Северна Македонија кон членство во Европската Унија, Советот потсетува на важноста од постигнување опипливи резултати и добронамерното спроведување на билатералните договори, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Во однос на статусот на македонскиот јазик, во преговарачката рамка се наведува дека при преводот на европското аки на македонски, ЕУ ги зема предвид соодветните намери на Бугарија и Северна Македонија да донесат унилатерални декларации со кои ќе ги нагласат своите ставови за ова прашање.
Во предлог-преговарачката рамка именувањето на јазикот на кој ќе се преведува заедничкото европско право е со чиста одредница „македонски“, без дообјаснувања или фусноти.
Исто така, во дел од новиот текст на преговарачката рамка, покрај вообичаените обврски владеење на правото, судските реформи, борбата против криминалот и корупцијата, се вклчучува и антидискриминацијата и борбата против говорот на омраза.
Скопје чека ЕУ и Софија да се усогласат за францускиот предлог
Македонските позиции се веќе утврдени и се однесуваат на тоа дека македонската страна ќе се произнесе за францускиот предлог и за заклучоците од француското претседателство во делот што се однесуваат на почеток на преговорите на Македонија дури откако ќе се усогласат ставовите на ниво на Европска Унија, односно согласност за ваквите предлози ќе дадат 27 држави членки на унијата вклучително и Бугарија.
-Постои предлог, кој што очигледно е испратен до Република Бугарија и кој што ќе треба да го разгледаат низ своите институции. Доколку таков предлог стигне усогласен на ниво на сите земји членки на Европската унија ние ќе го разгледаме и ќе ги дадеме нашите забелешки. Што ќе се случува во Република Бугарија ние навистина не можеме да знаеме бидејќи тоа зависи од развојот на настаните во нивниот парламент, рече Ковачевски.
Иако се уште не е позната содржината на францускиот предлог, сепак од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека со него е предвидено бугарските барања да бидат дел од преговарачката рамка што, како што велат, тоа ќе значи чекор до бугаризација.
-Францускиот предлог буквално ги става бугарските барања во преговарачка рамка за Македонија на патот кон Европската унија. Тоа значи дека Македонија или ќе треба да се бугаризира на патот кон Европската унија или никогаш нема да стане членка на Унијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот на Бугарија Кирил Петков во интервју за Бугарската национална телевизија рече дека одлуката за укинување на ветото за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ нема да биде донесена без потврда од Народното собрание.
-Како премиер нема да донесам никаква одлука, ако не ја потврди бугарскиот Парламент. Единственото нешто што ќе го кажам на масата со европските лидери е дека нема да го сменам бугарскиот став доколку нема одлука од бугарскиот Парламент, изјави Петков.
Како што откри Петков, тој не го прочитал францускиот предлог, кој бил испратен директно до Собранието.
-Јас го немам видено предлогот на Франција, но од тоа што го знам е дека се штитат правата на Бугарите и РСМ до првата конференција треба да ги вметне во Уставот… Во секој случај, јас ништо нема да преземам без парламентот… Каква одлука тој ќе донесе, таков ќе биде и мојот став кон ова прашање наредната недела во Брисел, изјави Петков во интервјуто за емисијата „Панорама“ на БНТ.