Франција има повеќе од 25.000 нови случаи на ден, првпат од 20 ноември, и влезе во третиот бран на пандемија на коронавирус, рече во вторникот премиерот Жан Кастекс, додавајќи дека е подготвен да прими вакцина „АстраЗенека“ откако ќе се потврди дека е безбедна.
Франција во вторникот имаше скоро 30.000 случаи на нови инфекции, што е за 4,5% повеќе од минатиот вторник и најбрз неделен раст за еден и пол месец.
Во моментов има 4.239 пациенти на интензивна нега, 20 повеќе од вчера, што е рекорд во изминатите четири месеци. Досега починаа 91.170 луѓе.
Сè поголем број нови случаи, исто така, создаваат зголемен притисок врз здравствениот систем, а некои експерти тврдат дека ова може да се запре само со ново општо затворање.
Како и другите земји на Европската унија, Франција е далеку зад лидерите по бројот на вакцинирани, земји како САД, Велика Британија или Израел.
Францускиот претседател Емануел Макрон сè уште се надева дека ќе ја забрза вакцинацијата на населението за да избегне трето затворање на државата, но привремено прекинување на вакцинацијата со „АстраЗенека“ може да ја загрози неговата стратегија, пренесе Ројтерс.
Франција, како и голем број европски земји, како што се Италија и Германија, престана да вакцинира со „АстраЗенека“ поради голем број случаи на тромбози кај луѓето кои примиле вакцина.
Кастекс во вторникот соопшти дека планира да се вакцинира со „АстраЗенека“ кога Европската агенција за лекови ќе потврди дека е безбедна.