Германскиот канцелар Фридрих Мерц од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), во своето прво обраќање пред парламентот во име на новата влада, најави големи промени: економско закрепнување, посилна Германија на европската сцена и значително зајакнување на армијата.
„Бундесверот мора да стане најсилната конвенционална армија на континентот“, изјави Мерц пред пратениците во Бундестагот. Тој нагласи дека јакнењето на германските вооружени сили е врвен приоритет на новата влада. „Мораме да можеме да се одбраниме – за да не мора да водиме војна“, додаде тој.
За таа цел, владата веќе одлучила да формира посебен фонд од околу 500 милијарди евра наменет за одбраната.
Поддршка за Украина и загриженост за Газа
Во делот за надворешната политика, Мерц вети цврста поддршка за Украина, нагласувајќи дека Германија ќе стои „рамо до рамо“ со украинскиот народ. Но, истовремено нагласи дека нема да дозволи Германија да биде вовлечена директно во конфликтот.
Тој, исто така, потврди дека Германија ќе продолжи со поддршката за Израел, но изрази загриженост за хуманитарната состојба во Појасот Газа, каде што, како што рече, владее „акутен глад“.
Ветувања за подобра економија уште ова лето
На економски план, канцеларот најави конкретни и брзи мерки за подобрување на состојбата. Тој им порача на граѓаните дека позитивните промени ќе ги почувствуваат „уште ова лето“.
„Германската економија е сѐ уште конкурентна. Она што ни недостига е јасна рамка, а новата влада наскоро ќе се погрижи за тоа“, рече Мерц.
Сериозни предизвици пред владата
Мерц не ги премолчи тешкотиите со кои се соочува неговата влада, истакнувајќи дека Германија се наоѓа пред „огромни предизвици“ – и внатре во државата, и на меѓународен план. Но, заврши со порака на надеж: „Сигурен сум дека можеме да се справиме со сите овие предизвици.“
Опозицијата жестоко го критикува Мерц
По неговото обраќање, следуваше жестока дебата. Алис Вајдел, потпретседателка на опозициската партија Алтернатива за Германија (AfD), го нарече Мерц „канцелар на левицата“ и го обвини дека ги прекршил своите изборни ветувања.
„Мерц се предаде пред левичарските партии и Зелените“, рече Вајдел, алудирајќи на неговата соработка со нив во парламентот.
Таа посебно ја критикуваше миграциската политика на новата влада, нарекувајќи ја „недостатна“. Според Вајдел, нелегалната имиграција мора целосно да се запре, а владата треба да ги исполни ветувањата дадени за време на изборната кампања – да ја заостри миграциската политика.