Протестите кои на прв поглед се однесуваат на изградбата на крстот, а кои се одржуваа овие денови, всушност се директен притисок врз МВР да не асистира во акциите на СЈО за справување со криминалот, соопшти ФРОДЕМ.
„Раководните лица имаат обврска и одговорност да го спречат учеството на службеници кои со овие протести имаат за цел ослабување на решителноста на МВР да се справи со криминалот во државата. Службениците кои се предмет на притисок од претпоставените за да одат на овие протести треба да пријават мобинг, а сите институции и организации треба да им помогнат во нивното спротиставување и докажување! Функционерите кои вршат притисоци за излегување на протести на кои се протестира против други институции треба да сносат и кривична одговорност. Фашистичките симболи кој се појавија на мегафоните се уште еден доказ дека протестите се вештачки, со неприродна мотивација и дека поставувањето на темелите на крстот, за жал им е само изговор! Фродем остро ја осудува ваквата симболика која предизвикува морници кај секој нормален човек“, велат од ФРОДЕМ.
Движењето апелира до членството на ВМРО-ДПМНЕ да не дозволи да биде заложник на неодговорното и криминализирано раководство, а, како што вели, обвинетите Јанакиески и Јанкулоска не треба да се затскриваат зад партијата и преку јавноста да вршат притисоци за попречување на правдата и да вршат притисок врз судството и обвинителството.
„Разумното членство на партијата со право треба да се огради од ваквите неморални активности. Никој не и виновен што Јанкулоска од кабинетот во МВР направила партиски штаб, што нашите сонародници од Пустец ги нарекува човечиња, што правела списоци за освета и слично. Секој што ќе се стави во одбрана на ваквите постапки се става во функција на нечовечко и незаконско однесување“, се наведува во соопштението.
ФРОДЕМ го повика членството да не подлегнува на какви било сценарија и активности за препокривање на криминалот на поединци во партијата, без оглед на какви позиции се наоѓаат!